Од 9 март Визер нема да лета за Будимпешта од скопскиот аеродром

Унгарската нискобуџетна компанија Визер од 9 март ја укинува линијата од Скопје за Будимпешта. Компанијата нема официјално известување зошто ја укинува оваа линија.

Унгарската нискобуџетна компанија „Визер“, која држи повеќе од 50 проценти од воздухопловниот пазар на македонските аеродроми, од 9 март ја укинува линијата од Скопје за Будимпешта. На страницата за резервации веќе не може да се купат карти за главниот град на Унгарија. Компанијата нема официјално известување зошто ја укинува и оваа линија од Скопје и дали планира да ја врати со зимскиот ред на летање во октомври.

Ова е седма линија што „Визер“ ја укинува од Скопје во последнaва една година. Во јануари годинава престана да лета за Салцбург и Бремен, а доцна есента 2024 година ги укина летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста. За Луксембург беше укинат кон средината на јануари минатата година после само два месеца летање.