Од јули струјата најверојатно поскапа за 13%

За 13% би се зголемила цената на електричната енергија од први јули.

Енергетските компании ги доставиле понудите до Регулаторната комисија барајќи повисока цена на струјата. Електродистрибуција побарала зголемување за 32 насто, систем операторот МЕПСО за 53, а преносниот систем МЕМО за 83,3 насто.

„Доколку сите овие барања ги прифатиме тогаш би значело зголемување на крајната цена на електрична енергија од 12,70 проценти некаде зголемување на цената од 13 проценти. Секако во наредниот период ќе направиме анализа на сите овие барања и некаде околу 20 јули ќе информираме колку ќе изнесува цената на електричната енергија“, рече Марко Бислимоски, Претседател на РКЕ.

ЕВН сè уште нема доставено барање бидејќи чекаат да видат колку ќе чини набавената цена од ЕСМ, како и цената на струјата на слободниот пазар. Причините поради кои останатите компании бараат зголемување се должат на зголемени трошоци, вели Бислимоски.

„Во најголем дел е најверојатно поради зголемени трошоци коишто ги имале во нивното работење ќе видиме дали е прифатливо за нас или не е. Јас и претходно кажав дека не сум приврзаник за менување на цената на електричната енергија сега“, додава Бислимоски.

Од 1 јули се очекува и ДДВ-то за струјата да се врати од 10 на 18 проценти. Тоа теоретски би значело и повисоки сметки, но во приближно истиот период би требало да се врати двочасовната поевтина дневна струја.

Поради тоа, од власта тврдат дека сметките би требало да останат исти, а министерот за економија, Крешник Бектеши дури уверуваше дека ќе бидат и пониски.