Од утре во продавниците ќе има леб за 33 денари
Од утре во маркетите ќе почне да се испорачува бел и полубел леб од 33 денари, соопштија од Групацијата на мелничко пекарската индустрија. Сепак, како што соопшти претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ, ќе биде поведена правна постапка за наплата на штетата што се претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот.
Малишиќ вели дека Владата донела неуставна и незаконска одлука со која, преку замрзнувањето на цената на лебот до 31 мај, ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.
„Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Владата нема чувство за новонастанатата ситуација и ја уништува една од основните индустрии во земјава. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, изјави Малишиќ.
Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб во вторникот, откако беше соопштено дека проверките на пазарната инспекција покажале дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените на лебот не ги намалиле или ги намалиле незначително. Наспроти ова, производителите на леб здружени во мелничко-пекарската индустрија во понеделникот се заканија дека ако се замрзне цената на белиот и полубелиот леб, тие ќе го прекинат производството на леб, што впрочем и се случи.
Во средата и во четвртокот, поголемите компании не доставуваа бел и полубел леб до маркетите. Исклучок правеа помалите пекарски индустрии и продажните места со сопствено производство.
Владата синоќа донесе одлука со која ги обврза производителите и трговците на леб да произведуваат и да продаваат леб по утврдената цена од најмногу 33 денари.
Од Владата соопштија дека ако не се придржуваат до одлуката, ќе се соочат со инспекции.