„Според наша оценка и сознанија, се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот“.
Ова денеска го изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) – Јаким Неделков.
Тој на прес-конференција соопшти за генералниот штрајк кој почна денеска заради исполнување на барањето веднаш да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита. Рече дека околу 25.000 вработени во училиштата и градинките денеска се вклучиле во штрајкот, а минорен е бројот и не е повеќе од 1.000 на тие што не учествуваат.
„Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус“ – истакна Неделков.
Според првиот човек на СОНК, во градинките имало посериозни притисоци во однос на настојување на директори воспитувачите да го прекинат штрајкот и да влезат во детските групи.
Проблем имало и со работното време на штрајкување зашто се толкува Законот за работни односи, но овие се посебни дејности.
„Во најмала рака, треба да договорат со директорите и градоначалниците да се штрајкува онолку колку што биле и смените во училиштата. Инсистирањето да се штрајкува осум часа е непродуктивно и се прават дополнителни трошоци во установата. Дополнително, за колегите кои се во рамазански пости е и нехумано од втората смена да се враќаат дури во 7 или во 8 часот кога е почната вечерата. Сѐ ова оди во правец на реваншизам, вршење притисок и уцени врз оние кои штрајкуваат да прекинат со штрајкот. Но, колегите со тоа сигурно нема да се поколебаат. Напротив, мотивот да истраат и да бидат во штрајк е уште поголем и од таа причина мора да се најде заедничко решение и заеднички јазик со штрајкувачкиот одбор“ – рече Неделков.