Директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Марјан Митовски работи незаконски и ги крши работничките права така што ги задолжува вработените со работни обврски што не се опфатени со склучените договори за работен однос, обвинуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот СУТКОЗ.
Ја повика градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје и Управниот одбор на ова комунално претпријатие да го разрешат в.д. директорот.
„До среда им даваме рок и на Град Скопје и на Советот. Понатаму ќе преземеме мерки со тоа што најверојатно ќе штрајкуваме, а блокадата на ова претпријатие е неминовна“ – изјави денеска претседателот на ССМ Дарко Димовски.
„Не може хидроинженери да се испраќаат на работа во чуварски куќички, не може ниту возачи на специјални возила да седат во базата наместо да ја вршат својата работа само затоа што не му се допаѓаат на директорот. Како репрезентативен синдикат за комунални дејности при ССМ случајот го пријавивме до Државниот управен инспекторат како и во Трудовиот инспекторат. Според известувањата и решенијата добиени оттаму, јасно е посочено дека директорот Марјан Митовски работи противзаконски и дека ги крши работничките права. Добиените документи ги доставивме до тој директор, но наместо да постапи и да ги врати работниците на соодветните работни места, тој ги игнорира решенијата, рече тој.