Веќе трета година како Данела Арсовска е градоначалник на Скопје и исто толку долго скопјани се соочуваат со проблеми во јавниот превоз, чекаат со часови на постојките и на минусни температури и на плус 40, автобусите често се запалуваат и прават сообраќајни незгоди бидејќи не се сервисираат редовно.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не го гласаат проектот за Брз рапид транспорт за кој плаќаме и пенали, а не гласаат и посебна набавка на нови автобуси, од септември се очекува тотален колапс поради недостаток на автобуси. Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, истакнува дека состојбата е критична, со само 190 активни автобуси, што не е доволно за да се покрие летниот возен ред.
„Во моментов по возен ред треба да имаме околу 234 автобуси, ние располагаме во моментов иако тоа на дневна основа се менува, но околу 190 автобуси. Се надевам дека институциите ќе најдат сили и снага да му помогнат на ЈСП и ние со овој возен парк кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот возен ред“, вели Драги Кушовски.
Кушовски, тврди дека сите автобуси кои се на патиштата се технички исправни и редовно поминуваат технички прегледи на секои шест месеци. И покрај тоа, тој истакнува дека возниот парк е стар повеќе од 13 години, што значи дека дефекти може да се случат во секое време.
„Во поголемиот дел од автобусите има клима. Имаме неколку автобуси за кои чекаме да се поправат климите и тие ги пуштаме во раните утрински часови да сообраќаат додека температурите уште не се високи, барем да го испочитуваме дел од возниот ред“, додава Драги Кушовски.