Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.
Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат. „Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита.
Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт“, истакна Лазарини на платформата Икс.
Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација.