![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/peev-750x430.jpg)
Распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци се само некои од последиците што козметичарки, а не доктори аплицираат ботокс и филер во Македонија.
„Нарачуваат филери од ‘Али експрес’ и сами дома се боцкаат“, „Ни дојде пациентка со распаднат задник од вбризган филер“, „Козметичарка ѝ дала инструкции на пациентката сама дома да си стави половина доза од филерот“, се дел од искуствата на естетеските и пластични хирурзи кои ги споделија со новинарите на денешната прес-конференција.
„Овие нестручни лица, водејќи се од лукративни побуди за брза заработувачка, секојдневно носат ризици по здравјето на луѓето со сериозни компликации од нивната нестручност при изведување на медицински процедури како и можноста да се шират заразни болести при нестерилни услови поради контакт со крв – ХИВ, хепатит како и бактериски инфекции од кои произлегуваат целулити и други длабоки инфекции на кожата“, предупредија од Асоцијацијата МАПРЕХ, Здружението за естетска медицина ЗЕМ Скопје и од Здружението на дерматовенеролози на Македонија.
Тие бараат измена и дополнување на Законот за јавно здравје за да се ограничи можноста за извршување на вакви естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.
-Иницијативата е поради се почестата злоупотреба на медицински помагала во контекст на употреба на хилајуронски филери, неуротоксин од страна на немедицински лица и се поголемиот број на комликации од истите, вели д-р Игор Пеев од Здружението на дерматовенеролозите.
Трите здруженија своите барања ги имаат испратено до министерот и заменик министерот за здравство и до собраниската Комисија за здравство.
Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во сегментот на неговата застареност и недореченост, што во пракса дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица. Како на пример во член 33 од Законот, под активности со кои се продира под кожа, под иста капа се ставаат тетоважите, пирсингот, акупунктурата и слично, заедно со инјектирање на филери, ласерски процедури, липосукција и други медицински интервенции.
-Законот во моментот не одредува кој точно (може да ги извршува овие интервенции), а во друг дел кажува три специјалности. Постојат повеќе начини тоа да се регулира, повеќе модуси. Ние сме отворени за соработка, како фела што се бави со оваа дејност повеќе години, да најдеме начин тие да се одредат. Не само лицата туку и начинот на нивна квалификација, бидејќи не секој доктор е квалификуван и доквалификуван да работи во полето на естетска медицина, рече д-р Пеев.
Д-р Илиева, од Здружението за естетска медицина посочува дека последиците од нестручен третман можат да бидат навистина сериозни.