Од почетокот на годинава нови 1 300 работни места во ТИРЗ

За осум месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 1 300 нови работни места со што продолжува трендот на раст на вработените од почетокот на годинава, покажува редовната анализа на ТИРЗ.

Во анализата на ТИРЗ се наведува дека само во август во компаниите во зоните се отворени над 200 нови работни места со што вкупниот број на вработени е 15 328. Ова е за 8,5 отсто повеќе споредено со истиот месец минатата година, односно за 16,5 проценти повеќе во однос на август 2020 година.

„Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Заклучно со август извозот од ТИРЗ порасна и надмина 2,3 милијарди евра, што е највисоко ниво во последниве четири години споредено со истиот период. Извозот од јануари до август е за 13 отсто повисок во однос на истиот период во 2021 односно 70 отсто повисок во однос на 2020 и 25 отсто и 48 отсто повисок споредено со 2019 односно 2018 година. Само во август компаниите во ТИРЗ оствариле извоз од речиси 300 милиони евра што е за 8 отсто повеќе од август минатата година“, се наведува во анализата.

Во анализата се додава дека од јануари до август 2022 година регистриран е увоз од 2,1 милијарди евра што е највисоко ниво споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова е за 4 отсто повеќе во однос на претходните осум месеци од 2021, односно за 70 отсто споредено со 2020, и за 22 отсто и 62 отсто повеќе споредено со 2019, односно 2018 година.

„Увозот кај компаниите во ТИРЗ во август е 283 милиони евра што е за 5 отсто повисоко од истиот месец лани. Заклучно со август и нето извозот е 8,5 отсто“, информираат од ТИРЗ.

За осум месеци од годинава во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 370 милиони евра од кои две се досега најголеми инвестиции со поединечни вложувања од над 100 милиони евра – германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ вложува 126 млиони евра во нов капацитет и германскиот производител на електро-автомобили „Е.го“ ќе вложи 130 милиони евра.

Од ТИРЗ информираат дека во тек се преговори со повеќе други потенцијални инвеститори, а во рамки на новиот концепт на работа на ТИРЗ, воведен минатата година.