Од полноќ се зголемуваат цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,54% во однос на одлуката од 15.5.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,182%, кај дизелот за 1,847%, кај екстра лесното масло за 1,231% и кај мазутот зголемувањето е за 0,571%.

Цената на ЕУРОСУПЕР 95 се зголемува за 1 денар и од утре ќе чини 78,5 денари по литар, додека исто за 1 денар се зголемува и цената на ЕУРОСУПЕР 98 и ќе чини 80,5 денари.

ЕУРОДИЗЕЛ поскапува за 1,5 денари по литар, и од утре ќе се продава по 69 денари по литар.

Цената на екстра лесното масло се зголемува за 1 денар и ќе изнесува 67,5 денари, а мазутот поскапува за 0,6 денари и ќе чини 39,4 денари.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,072%

Од 23.5.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 78,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 80,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,433 (денари/килограм).