
Од печат излезе „Амбиент“ на Зоран Иванов
Серијалот „Амбиент“, што го реализира Свето Стаменов, е своевидна трииполдецениска хронологија на македонските турбуленции во периодот од пред и за време на осамостојувањето на Македонија, транзициските премрежија, егзистенцијалните, меѓуетничките, партиско-политичките турбуленции, како и нестабилните меѓународни позиции на државата.
Од печат излезе „Амбиент“ – книга седма (2023–2025) („една реченица“) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Приредувач, редактор и издавач и на оваа книга, како и на претходните „Амбиент“– 1, 2, 3, 3/1, 4, 5 и 6 е Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.
„Амбиент“ – 7 фактички е природно продолжение на серијалот „Амбиент“ на Зоран Иванов, кој започна со „Амбиент“– книга прва (1990–1994) и „Амбиент“– книга втора (1995–1997), објавени во 1999 година, и кој продолжи со „Амбиент“ – книга трета (1997–2012), „Амбиент“– книга трета/1 (2013–2015), „Амбиент“ – книга четврта (2018– 2019), „Амбиент“ – книга петта (2019–2020) и „Амбиент“ – книга шеста (2020–2024), која излезе пред десетина дена.
Во серијата книги од 1 до 7 насловени „Амбиент“, се поместени многубројни журналистички трудови на Зоран Иванов. Но, тоа, сепак, е само еден дел од неговото речиси петиполдецениско новинарско творештво на радио, на телевизии, во дневни и периодични весници и на веб-портали. Серијалот „Амбиент“, што го реализира Свето Стаменов, е своевидна трииполдецениска хронологија на македонските турбуленции во периодот од пред и за време на осамостојувањето на Македонија, транзициските премрежија, егзистенцијалните, меѓуетничките, партиско-политичките турбуленции, како и нестабилните меѓународни позиции на државата. Содржини од оригинални, авторски новинарски текстови на теми кои сместени меѓу кориците на седумте „Амбиенти“ на Зоран Иванов, го актуелизираат и ова време сегашно и она натаму идно.
„Амбиент“ – книга седма, за разлика од претходните шест книги, е поделена на две засебни целини – „Една реченица“ и „lu-ping“. Но, исто така, се издвојува по својата оригиналност во стилот и новинарскиот израз, особено во „Една реченица“, која содржи 135 куси новинарски текстови објавени во рубриката „По допрен глас“ на веб-порталот Цивил медиа.мк, во периодот од 10 јуни 2023 до 31 декември 2024 година. Всушност, во оваа целина Иванов презентира и еден негов авторски експериментален жанр – „Една реченица“ – нов, уникатен, оригинален новинарски израз, досега непознат во новинарската теорија и практика. Станува збор, како што вели самиот автор, за серијал на куси текстови во кои „интерпункцискиот знак точка е во функција да го означи не крајот на една реченица, туку крајот на коментарот искажан во текст од една реченица“.
„lu-ping“, пак, содржи 19, исто така, куси новинарски текстови – коментари на посветени на актуелни случувања на домашната и меѓународната сцена, објавени во авторовата истоимена рубрика на веб-порталот Нова тв.мк, во првите месеци на оваа 2025 година.
И во „Амбиент“ – книга седма Зоран Иванов, како и во претходните шест книги, останува актуелен, уникатно директен. Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатниот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани. Токму затоа „Амбиент“ – книга седма (2023–2025) е уште една рефлексија на, сега веќе, петиполдецениското новинарско творештво на Зоран Иванов, бард на македонското новинарство, аналитичар, хроничар на денот и времето, наведува публицистот Свето Стаменов.