Системот Отворен Балкан – електронска наплата на патарини (Open Balkan ETC) ќе почне да се применува од крајот на септември. Тоа значи дека еден граѓанин на Северна Македонија, Србија или Албанија, кој користи ТАГ за да плаќа патарини во својата земја, истиот ќе може да го користи за плаќање и во другите две држави кои се дел од иницијативата.
Најавата за користењето на само еден ТАГ стигна по средбата на српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Томислав Момировиќ со македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во Белград каде се одржува Самит за Отворен Балкан и саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.
„Системот Open Balkan ETC е во тест фаза и до крајот на септември ќе почнеме да користиме еден ТАГ помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија. Секој корисник на ETC наплатата во која било земја во рамките на иницијативата ‘Отворен Балкан’ ќе може со само еден ТАГ да плаќа патарина во сите други земји од иницијативата ‘Отворен Балкан’, без запирање или купување дополнителен уред или картичка во земјите каде што неговото возило не е регистрирано“,
рекол Момировиќ, соопштија од неговиот кабинет.
Користењето на единствен ТАГ уред за плаќање патарини во Србија, Северна Македонија и Албанија беше најавувано и претходно, но без прецизни датуми кога ќе почне да функционира.
Од „Патишта Србија“ во изјава за „Евроњуз“ во јуни годинава најавија и привилегии за граѓаните кои наместо со кеш или платежна картичка, ќе плаќаат патарини со ТАГ уредот. Како што посочија тогаш, планирано е граѓаните на Србија кои ќе плаќаат на овој начин, во Северна Македонија и Албанија да имаат попуст од 5 отсто и тоа да важи реципрочно – граѓаните на Северна Македонија да имаат попуст во Србија и Албанија.