Од кабинетот на Зеленски негираат дека стоjат зад убиството на ќерката на Дугин

Од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги отфрлија тврдењата дека Киев стои зад убиството на Дарја Дугина, ќерката на рускиот идеолог Александар Дугин.

„Украина, се разбира, нема никаква врска со вчерашната експлозија, бидејќи ние не сме криминална држава, како Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава“ – изјави за новинарите советникот во претседателскиот кабинет Михаил Подољак.

Според него, Русите креваат тензија за да постигнат јавна мобилизација, а не прикриена.

Подољак вели и дека во Русија сега има различни политички групи кои се борат меѓу себе за да го прераспределат внатрешниот идеолошки простор во земјата.

Автомобилот на ќерката на Дугин експлодирал на автопатот во близина на Москва, а Дарја Дугина починала на самото место, соопштија руските истражни органи.

Дел од медиумите оценуваат дека вистинската цел на нападот бил токму Александар Дугин.