Од денес две нови обврзници на берзата – државата се задолжува со педесетина милиони евра

Две државни обврзници емитувани од Министерството за финансии на 12 месецов, од денес се на официјалниот пазар, на подсегментот берзанска котација. Преку нив, државата на домашниот терен ќе се задолжи за дополнителни педесетина милиони евра.

Според информацијата објавена на Македонска берза, обврзниците се петнаесетгодишни, а номиналната вредност им е десет илјади денари.

Првата обврзница е без девизна клаузула. Вредноста на емисијата е во износ од 2.466.400.000 денари или над 40 милиони евра, односно издадени се 246.640 вакви обврзници. За нив ќе се пресметува каматна стапка од 5,6 проценти, а датумот на достасување е 12 април 2039 година.

Со девизна клаузула е втората државна обврзница. Издадени се 57.929, со што вредноста на целата емисија е 579.290.000 денари (повеќе од 9,4 милиони евра). И овие државни обврзници доспеваат на 12 април 2039 година, а кај нив е утврдена каматна стапка од 5,35 проценти.