
До вчера во Катар се играа сите натпревари од второто коло од групната фаза на фудбалскиот Мундијал. Навивачите се навикнаа на дури четири натпревари дневно – во 11, 14, 17 и 20 часот. Сепак, ова е последниот ден од целодневната програма на Мундијалот, од денес има нов распоред.
Причината е што натпреварите од последното коло од истата група мора да се играат во исто време за да се намали можноста за манипулации. Така, целото трето коло ќе се игра за четири дена, од вторник до петок, а ќе се игра во два наврати – во 16 и во 20 часот.
Во сабота се играат првите два осминафинални натпревари кои повторно ќе се играат во 16 и 20 часот по македонско време.
Првата пауза на Светското првенство ќе биде меѓу осминафиналето и четвртфиналето. Нема да се одиграат натпревари на 7 и 8 декември.
Инаку по првите две кола сигурни патници во осминафиналето се само три селекции – Бразил, Португалија и актуелниот светски шампион, Франција. Овие селекции собраа по 6 бода во двата воведни натпревари.
Денеска на програмата се четири средби од третото коло во групите А и Б.
Во групата А од 16 часот се среќаваат Еквадор – Сенегал и Холандија – Катар.
На табелата водат Холандија и Еквадор со по 4 бода и идентична гол разлика, Сенегал има 3, а домаќинот Катар 0.
Натпреварите од третото коло во Б групата се играат во 20 часот, а се среќаваат: Иран – САД и Велс – Англија.
Во оваа група во водство е Англија со 4 бода, Иран има 3, САД 2 и Велс 1.
Теоретски сите четири репрезентации имаат шанси да се пласираат во осминафиналето.