Од денеска пониски цени на горивата, ќе падне и цената на лебот, брашното, маслото…
Од денеска се намалуваат цените на горивата во земјава, а во следните денови се очекува намалување и на цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата.
Ова е резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, а со цел намалување на ценовниот шок поради војната во Украина.
До крајот на мај годинава стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана ќе биде намалена од 5 на 0 проценти, а данокот на горивата се намалува од 18 на 10 проценти, како и акцизата за 1, 2 или 4 денар.
Повластената стапка од 5 проценти ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, вчера ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.
Премиерот Димитар Ковачевски, во видео обраќање до јавноста порача дека пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра, има за цел заштита на граѓаните и стопанството.
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, сетот мерки на Владата е задоцнет и нема да ја подобри состојбата, но сепак и тие го поддржаа во Собранието.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, пак увери дека се преземени сите неопходно мерки и дека има залихи на жито, како и дека стоковите резерви се на законски пропишаното ниво.