Од денеска започнува полагањето државна матура

Од денеска во 10 часот во средните училишта во земјава започнува полагањето по првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за тестот по македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4.308 и за турски јазик 313 матуранти.

За полагање на матурата, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15.899 ученици кои завршуваат средно образование. Од нив, 7.135 се од гимназии, 8.504 од стручни и 260 од уметнички училишта.

Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13. јуни од 10 часот.

Тој е по избор на учениците, а и оваа година најмногу се пријавиле за тестот по англиски јазик – 14.320 кандидати. Математика ќе полагаат 1.231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.

Резултатите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит.  Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19.