Од денеска Албанија претседава со Советот за безбедност на ОН

Од денеска Албанија го презема едномесечното претседавање со Советот за безбедност на Обединетите нации.

Во Њујорк на преземањето на претседателството со Советот за безбедност ќе присуствуваат премиерот Еди Рама и министерката за Европа и надворешни работи – Олта Џачка.

Рама во видеопорака на Фејсбук изјави дека Албанија е веќе привилегирана што може да ги изрази своите верувања и „да го води Советот за безбедност на ОН“.

Албанскиот амбасадор во ОН – Ферит Хоџа ова го оцени како голема одговорност, но и привилегија.

Министерката Џачка, пак, изјави дека со преземањето на претседавањето Албанија ќе биде гласноговорник на дипломатските напори за изолација на Русија.

Албанија е членка на ОН од 14 декември 1955 година, а за непостојана членка во Советот за безбедност на светската организација беше примена на 11 јуни 2021 година, што се смета за историски датум за земјата.