Од 2017 година – кога стана членка на НАТО – Црна Гора одвои повеќе од 750 милиони евра за одбрана. Од тоа годинашниот буџет надминува 150 милиони евра.
Тој износ го исполнува стандардот на НАТО, кој предвидува земјите-членки годишно да издвојуваат најмалку два отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбраната.
Пред влезот во НАТО во 2017 година, противниците на членството, како Милан Кнежевиќ од прорускиот Демократски фронт, тврдеа дека членството ќе ја чини Црна Гора 70 милиони евра годишно.
Министерството за одбрана наведува дека алокациите за НАТО се уште „често погрешно се толкуваат“.
Како што изјавија за Радио Слободна Европа (РСЕ), средствата не се пренасочуваат во Брисел, туку остануваат во Црна Гора.
„Овие средства се наменети исклучиво за национални потреби, за подобрување на одбранбените и воените капацитети, имајќи предвид дека секоја членка со вложување во сопствените капацитети на најдобар начин придонесува за системот на колективна одбрана како што е НАТО.
Покрај средствата од буџетот, сите членови плаќаат и годишна членарина, која првично за Црна Гора изнесуваше 450.000 евра.
НАТО има таканаречен заеднички буџет, кој се состои од три компоненти – цивилна, воена и програма за инвестирање во безбедносни проекти.
Уделот на Црна Гора во заедничкиот буџет годинава е 0,028 отсто, велат од Министерството за одбрана за РСЕ.
„Овој процент не се однесува на два отсто од БДП, туку се работи за две различни категории кои на крајот имаат иста цел – придонес во севкупното зајакнување на колективната одбрана преку национални и заеднички напори.
Пред десет години, лидерите на НАТО одлучија до оваа, 2024 година, секоја членка да постигне одбранбена распределба од два отсто од БДП.
Во тој период само три од тогашните 28 земји-членки издвоиле повеќе од таа сума – САД, Грција и Велика Британија.
Во меѓувреме, семејството на НАТО се прошири за да ги вклучи Црна Гора, Северна Македонија, Финска и Шведска.
На минатогодишниот Самит во Вилнус таа одлука беше сменета. Водачите на НАТО утврдија дека два отсто од БДП е само минимумот што членките треба да го издвојат за потребите на одбраната.
Лани Црна Гора достигна два отсто, а годинава малку го надмина тој праг – 2,02 отсто од БДП.
Покрај процентот од два отсто, НАТО препорача да се издвојат најмалку 20 отсто за опрема во буџетската структура.
И во првите години од членството, Црна Гора ја модернизира армијата преку неколку големи набавки.
Така, во 2018 година на воениот аеродром слета првиот од трите американски хеликоптери „BELL“ во вкупна вредност од 30 милиони евра.
Следната година беше потпишан договор за купување на 67 американски лесни оклопни возила „Ошкош“ за околу 35 милиони евра. Истата сума е потрошена за нивна надградба со израелските станици за оружје за далечинско управување „Елбитa“.
Во 2023 година со истата израелска компанија беше потпишан договор вреден 20 милиони евра за минофрлачи и обука. Сепак, поради војната на израелската армија во Газа, обуката на црногорските војници во Израел беше одложена.
Од Министерството за РСЕ велат дека годинава ќе издвојат 35,7 отсто за опрема. Така, планирано е да се потрошат 120 милиони за два патролни брода, 40 милиони за набавка на хеликоптери и исто толку за набавка на транспортна програма и противтенковско оружје.
Според Министерството, државата планира да набави и систем против дронови.
Војниците на крајот на минатата година добија нови модерни униформи кои чинат 6,2 милиони евра.
Кога станува збор за распределбите за персонал, тоа се однесува на учеството на црногорските војници во меѓународни мисии и вежби во земјата и странство.
Така, во текот на 2023 година вкупно 103 припадници на Армијата биле ангажирани во меѓународни мисии и операции во Косово, Ирак, Латвија, Бугарија, како и во Западна Сахара и во близина на Сомалија.
Минатиот месец беше донесена одлука членовите на Армијата да се приклучат на мисијата на Обединетите нации на Кипар.
Откако Црна Гора влезе во НАТО, според истражувањата, довербата во тој сојуз расте.
Истражувањето на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), кое се спроведува континуирано со години, покажува дека процентот на оние кои го поддржуваат членството е зголемен од 2017 година до оваа година за околу 11 отсто, па сега е 49,5 отсто. Истовремено, бројот на противниците на членството е намален за околу девет отсто.