
Одлуката на Уставниот суд нема да ја промени Преговарачката рамка, вели Муцунски
Уставниот суд е целосно независен во своето работење и треба да работи согласно своите принципи за работа, согласно Уставот и да донесе одлука што мисли дека е соодветна почитувајќи ги највисоките стандарди на нашиот правен систем, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во однос на иницијативата пред Уставен суд за вториот протокол со Бугарија. Прашан што доколку Протоколот падне и што тоа ќе значи за односите со Бугарија и ЕУ, Муцунски вели дека каква и да биде одлуката на Уставен, дека тоа нема да влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачата рамка.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека каква и да биде одлуката на Уставниот суд во врска со иницијативата за вториот протокол со Бугарија тоа нема да ја промени Преговарачката рамка со ЕУ.
Прашан на денешната прес-конференција во Владата што доколку Протоколот падне и што тоа ќе значи за односите со Бугарија и ЕУ, Муцунски вели дека каква и да биде одлуката на Уставен, дека тоа нема да влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачката рамка.
„Нашата влада докажува на дело дека е посветена кон процесот на европска интеграција и преку нашето дејствување на надворешно-политички план, но и преку она што го правиме дома“, рече Муцунски.
„Од таа гледна точка не мислам дека самата одлука ќе влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачата рамка која државата ја има со ЕУ бидејќи самиот протокол не е формално правен дел од Преговарачката рамка“, изјави Муцунски.
Во однос на тоа дали Протоколот со Бугарија може да биде прогласен за ништовен и дали може да се доведе во прашање и Договорот за добрососедство со Бугарија, Муцунски рече дека ќе се воздржи од коментар, бидејќи веќе има постапка пред Уставниот суд, и доколку го дадам својот став „некој може да се обиде да го толкува како влијание, макар и јавно, врз работата на Уставниот суд“.
„По однос на нашите билатерални односи со Бугарија, не мислам дека самата постапка би требало да има какво било влијание врз нашите билатерални односи кои што во моментот, реални треба да бидеме, не ги живеат можеби своите најдобри денови, но јас тоа што ќе го кажам е дека како министер за надворешни работи, како и до овој момент, и од сега натаму ќе продолжам да повикувам на дијалог, ќе продолжам да повикувам да разговараме за големиот број на проекти коишто може да нѐ обединат“, изјави Муцунски.
Според Муцунски, по одредени прашања и во последниот период сме имале позитивни исчекори, како што е Коридорот 8, кој за нас е стратешки и безбедносно и економско-политички значаен.
„По однос на сите оние значајни прашања од билатералните односи ќе се однесува европски, а не анти-европски, бидејќи за жал реториката која што ја гледаме во последните месеци, однесувањето во европските институции, кои што ги гледаме во последните месеци, не доликуваат на земја членка на ЕУ, но работиме и сакаме да работиме на подобрување на тие односи“, изјави Муцунски.
Според него, споделуваме ист региони и сме си покажувале солидарност кога е таа потребна и не треба да дозволуваме, како што нагласи, „да сме обременети од прашања поврзани со историја, идентитет и јазик“.