
Одлуката за привремениот наследник на Коцевски одложена за понеделник
За во понеделник во 11 часот е одложена седницата на Советот на јавни обвинители на која треба да определи вршител на должноста државен јавен обвинител откако Љупчо Коцевски во вторникот си поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.
Денешната седница беше одложена поради отсуството на членот на Советот, Јелена Догазанска Колева. Заради нејзиното отсуство, членот на Советот обвинителот Ермон Незири предложи да се одложи изборот на в.д. јавен обвинител на Република Северна Македонија, бидејќи, како што рече, тоа е значајно прашање и треба во полн состав да се избери в.д. јавен обвинител. Со ваквиот прелдог на Незири се согласија сите членови на Советот ја јавни обвинители.
– Имам дилема, колешката е отсутна. Според мене, се работи за највисока институција во државата. Ние немаме технички помагала да можеме да ја вклучиме, за жал. Дали евентуално би можело да се одложи за ден-два, за да дојде колешката, за да може Советот кога ќе излезе со став секој член да си го каже својот став. Ако можеме тоа да го направиме. Предлагам да ја одложиме седницата до понеделник. Колку што знам колешкта во понеделник ќе се врати. Евентуално, за да може да се избере и назначи в.д. како што е редот, со сите членови, да можат јавно да се изјаснат и секој да го каже својот став за кандидатот, во ЈО се девет или повеќе гласови, колку што има обвинители, бидејќи ние мораме и од таму да избереме, како обвинители имаме зкаонска обврска, рече Незири.
Вршителот на должност се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Должноста ќе ја извршува до именување на нов државн јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.Љупчо Коцевски во вторникот, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување, на прес-конференција објави дека поднел неотповиклива оставка на функцијата. Коцевски во образложението истакна дека функцијата од која заминува ја вршел чесно и достоинствено, а оставката ја поднесува поради, како што рече, „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.
Оставката, како што наведе, ја поднесува поради „непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, а предлогот за негово разрешување го оцени како политичка одлука.
Коцевски во обвинителството е од 2008 година, кога е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. За државен јавен обвинител беше избран на 18.01.2022 година од Советот на јавните обвинители, а Собранието го именуваше на 13.02.2024 година.
Законската постапка за избор на прв човек на Јавното обвинителство предвидува дека тој треба да е државјанин на Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии и положен правосуден испит. Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Новиот државен јавен обвините треба да се избере по оглас што ќе го распише Собранието. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во Службен весник. По пријавувањето на кандидатите, Владата треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати.
Советот на јавни обвинители е должен да ги подготви образложените позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена. Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и по овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Во случај Советот на јавни обвинители да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас.