Владата доцна вечерва донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи, односно наставата со физичко присуство да продолжи на 1 февруари, согласно заклучокот од Главниот координативен кризен ковид-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.
Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за настаната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.
Како дел од одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година се и задолженијата и укажувањата за Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата на Република Северна Македонија, Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.
„Стартот на второто полугодие за основното и средното образование се одлага за 1 февруари. Оваа одлука ја донесовме на денешната втора седница на Владата во интерес на заштита на здравјето, согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата. Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни, со соодветна адаптација на наставните планови.” – напиша на својот Фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.