Одложена седницата на Судскиот совет, се пролонгира избирот на наследник на Дамева

Одложена е денешната седница на Судскиот совет на која требаше да се избира наследник на разрешената претседателка Весна Дамева.

– Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека 439-та итна седница која беше одложена за ден 02.05.2023 година (вторник) во 11:00 часот се одлага. За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение, стои во денешното соопштение од Судски совет.

Причината за одложувањето засега е непозната.

Весна Дамева беше разрешена неочекувано минатата среда на јавна седница на Судскиот совет. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.

Нејзиниот наследник требаше да се избира на седница на 27 април, но беше одложена за денеска. Заменик-претседателот на Советот Селим Адеми, тогаш побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.