Оди на лицитација конфискуваниот имот на Сашо Мијалков

На јавно електронско наддавање наскоро ќе биде ставен конфискуваниот имот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кое што ќе биде согласно законот и по согласност од Владата. Ова го најави директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу во извештајот за 100 дена од работата на Агенцијата.

Небиу вели дека веднаш ги презел потребните дејства во врска со актуелни случаи на конфискација и дека има поддршка од министерот за правда за нивно што поскоро, не само обелоденување, туку и извршување.

Притоа ги наведува случајот „Империја“ за имотот на Сашо Мијалков, случајот „Труст“ или познат како Трансмет, како и стариот случај „Бачило“ во кој беше осуден овчарот Иснифарис Џемаили.

Во случајот „Империја“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Мијалков се спогоди со обвинителството и доби три години затвор и конфискација на имот во вредност од 30 милиони евра и 6,1 милион за уделот во хотел Мериот, како и исплата за куќата во која живее.

На Мијалков му се конфискувани вкупно над 30 илјади квадратни метри недвижен имот, од кои, 2.200 квадрати во станови и апартмани, над 1.300 квадрати во деловен простор, над 20 илјади квадрати земјиште, односно станови, деловни и помошни простории, гаражи, земјиште во Скопје, Охрид, Гевгелија и во Кавадарци.

Во случајот „Империја“ вина призна и бизнисменот Јордан Камчев и беше осуден на една година затвор, а во државниот буџет врати над 5,2 милиони евра.