
Одбраната на сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, смета дека казната што денеска му ја изрече Основниот кривичен суд за пет кривични дела е висока. Тие најавуваат жалба и за тоа, но и за продолжувањето на притворот што денеска му го одреди судот и ќе бараат тој да излезе од затворот во Шуто Оризари до правосилност на пресудата бидејќи здравствената состојба не му е добра.
„Ова не е конечна пресуда. Сметаме дека е изречена висока казна за дела за кои во текот на целокупната постапка како одбрана наведуваме дека нема елементи на истите, дека не се исполнети законските битија. Како по однос на пресудата, ќе вложиме и жалба на решението со кое му е продолжен притворот на Марјан со оглед дека навистина е влошена здравствената состојба. Истиот има добиено шеќер, веќе влегува во една група на инсулинска терапија каде третманот не може да биде соодветен во условите каде моментално се наоѓа“ – изјави адвокатката Марија Најдова-Петрезанова.
При изрекувањето на пресудата, судијката Марија Клетничка-Марковска прочита како Стаменковски уценувал и барал пари за да не објави содржини на неговиот пара-портал, а читаше и дел од текстовите што ги објавувал.
На прашање од новинарите кон адвокатката, како се чувствувала кога ги слушаше насловите и дали до неа допрело нешто, таа рече дека е тука како професионален адвокат, а за текстовите посочи дека се „чисти навреди и клевети“ што е основ за граѓанска постапка, а не кривични дела.
„Седната сум на клупа заедно со обвинетиот како негов бранител, адвокат. Затоа сум и таму, за вршење професионално на оваа работа. Се слушаа како искази на сведоци и репродуцирање на насловите, но она што ќе повторам во однос на истите дека постојат елементи на чисти навреди и клевети за кои од страна на оштетените не беа поднесе соодветни граѓански постапки до ден денеска“ – рече Најдова-Петрезанова.
Марјан Стаменковски од „Доказ“ не признава вина, одбраната вели дека тоа што го прави е само вербален деликт
На дополнително прашање, ако таа била предмет на некои од текстовите на „Доказ“, дали и тогаш ќе го бранела и ќе имала разбирање како сега адвокатката одговори дека „доколку тоа се случило, доколку постоеле законски услови ќе ги преземала мерките согласно закон“.
Марјан Стаменковски денеска доби три години и еден месец, парична казна од 5 илјади евра и забрана во наредните 10 години да врши дејствија поврзани со делата односно да регистрира домејн за интернет-портал во земјава, а сите досега регистрирани се бришат.
Тој беше прогласен за виновен за пет кривични дела – две ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.