Одбиено барањето на ВМРО-ДПМНЕ за јавна расправа за предлог-законот за данокот на солидарност

Во собраниската Комисија за европски прашања денеска почна седницата на која на дневен ред се трите закони за даночните реформи, што Владата ги предложи по скратена постапка со европско знаменце: Предлог законот за данокот на солидарност, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка.

На почетокот на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дневниот ред да се дополни со уште една точка – Предлог одлука за одржување јавна расправа по Предлог на законот за данокот на солидарност, која би се одржала на 28 јули. Оваа барање на ВМРО-ДПМНЕ беше одбиена од членовите на Комисијата за европски прашања.

-Јавната расправа да се одржи на 28 јули во петок. Ова е разумен рок и сосема доволно од четири дена стручните служби на Собранието да организираат, да се поканат сите заинтересирани физички и правни лица и да се дискутира и да се изнесат сите недостатоци за законот. Ова го барам поради бројните и бурни реакции на јавноста на овој предлог-закон, а и поради потребата за вклучување на стручната фела во образложување на истиот овој закон. Потребно е да се спроведе јавна расправа по истиот по кој што ќе се донесат заклучоци кои ќе придонесат кон подобрување на законската регулатива и кон едноставно можноста да се види што значи ова законско решение, рече тој.

Кога министерот за финансии, Фатмир Бесими излезе на говорницата да го образложи законското решение, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дофрлуваше од место барајќи од потпретседателката на Комисијата за европски прашања Арта Биљали-Зендели да го стави на гласање нивното барање за јавна расправа. Мицевски побара од Биљали-Зендели нивната иницијатива да го стави на гласање и да се произнесат пратениците. Потенцира дека додека не се утврди дневен ред, министер или било кој не смее да земе збор и да објаснува.

Мицевски истакна дека жали што пратениците од владејачкото мнозинство немаат храброст за едно вакво суштествено и чувствително прашање за кое што реагира Клубот 100 од Стопанската комора на Македонија да не се најде можност да им се даде еден ден да се дискутира за ова законско прашање.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара и точката Предлог на закон за данокот на солидарност да се тргне комплетно од дневниот ред на денешната Комисија за европски прашања, која исто така беше одбиена од членовите на Комисијата.

Попретседателката Биљали-Зендели соопшти дека за Предлог на законот за данокот на солидарност се доставени амандмани и даде пауза додека се архивираат до собраниските служби.

Предлогот на Закон за данокот на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

-Целта на Предлог законот за данокот на солидарност како што е информирано од Министерството, е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи, во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза, при што е земена предвид европска регулатива. Европската Унија, како што е посочено, заради ублажување на последиците од енергетската криза, усвои Регулатива на Советот (ЕУ) 2022/1854 од 6 октомври 2022 година, за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата, а со којашто се утврдува и обврската за наплата на придонес за солидарност. Според Регулативата, придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар, информираше владината прес-служба.