Собраниската Комисија за здравство денеска отфрли четири амандмани на опозицијата за предлогот на закон за изменување на Законот за здравствената заштита, на расправата за организационите директори, познати и како економски, во медицинските установи во државата.
Поддржувачите на законските измени беа за менување на законот, укинување на организационите директори со што ќе се централизира одговорноста и ќе се намалат трошоците.
Со амандманите пак одеше прашањето, зошто да нема организациски директори и понатаму.
Пратеникот Илир Хасани од ДУИ посочи дека разрешени се најголем број организациски директори – Албанци.
– Стојам на таа теза дека двајца подобро би чувале куќа, отколку едно лице – само, нагласи Хасани во собраниската сала.
Јована Мојсоска објасни зошто Левица ќе го поддржи укинувањето на економските директори. Таа рече дека би ја поддржале секоја политика, што се залага за укинување на паралелни системи.
– Тоа го кажавме и кога беше дискусијата за заменици министри. Тука се пресликува истата ситуација. Се работи за функции што се измислени за да се задоволат апетитите на коалициските партнери. Во пракса се покажа дека економските директори се тотално нефункционални, додаде Мојсоска.
Економските директори беа вметнати во системот во 2006 година. Таа рече дека нивното вметнување во системот и тоа без конкурси и критериуми, било со образложение да ги намалат долговите на медицински установи и да ги подобрат условите за пациентите и вработените, но, праксата покажала дека имало зголемување на јавни долгови на клиники. Според неа, македонското здравство не е ниту албанизирано, ниту македонизирано, туку деградирано.
На седницата беа усвоени два комисиски амандмана, со што министерот може да именува в.д. медицински директор, кој ќе ја врши директорската должност согласно членот 104 од Законот за здравствена заштита, во рок од еден месец во рок на влегување на сила на овој закон.