
Одбележување 122 години од смртта на Гоце Делчев
Во земјава денеска се одбележуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации и граѓани ќе положат цвеќе пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а во македонското Собрание ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката.
Во земјава денеска се одбележуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации и граѓани ќе положат цвеќе пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а во Собранието на Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката.
Според најавите, во црквата „Св. Спас“ цвеќе ќе положат собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски во чиј состав се пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се министрите за внатрешни работи и за образование и наука, Панче Тошковски и Весна Јаневска, како и партиски делегации, здруженија, граѓани….
Во Собранието напладне ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката. На доделувањето на наградата ќе се обрати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Наградата годинава се доделува на научното дело „Македонски дијалектен атлас“ од ризницата на картотетката-лексички материјали“ на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Елена Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.
Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.