Одбележување на „Денот на Европа“ со хуманитарна трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“

Со организирање на денешната хуманитарна трка за погодените од трагедијата во Кочани, Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус, оваа година ќе го одбележат „Денот на Европа“.

Со организирање на денешната хуманитарна трка за погодените од трагедијата во Кочани, Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус, оваа година ќе го одбележат „Денот на Европа“.

-На 25 мај, истовремено во седум града – Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово, ќе трчаме заедно со една единствена цел: да му подадеме рака на Кочани. „СИТЕ ЗА КОЧАНИ – ТРЧАМЕ ЗАЕДНО!“ е хуманитарна иницијатива во која може да учествува секој, без разлика на возраста или физичката подготвеност. Трките се наменети за сите: рекреативци, спортисти, аматери, помлади и повозрасни, бидејќи не се работи за километри, туку за солидарност, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.

Пријавувањето, како што се наведува, е отворено и може да се врши преку платформата https://sitezakocani.mk, каде што секој заинтересиран може да избере град и да стане дел од најважната трка оваа година. Сите средства собрани од котизациите ќе бидат донирани преку Црвениот крст, кој ќе ги насочи кон заедницата во Кочани, осигурувајќи дека секоја донација ќе оди таму каде што е најпотребна.

-На 25 мај, нема да трчаме за резултати, ниту пак за награди – ќе трчаме за солидарност и за вредностите кои нѐ дефинираат како општество и како заедница. Сите за Кочани – да трчаме заедно! Придружете ни се, се наведува за настанот чија цел е да собере средства за погодените од неодамнешната трагедија во Кочани. Дополнително,  ќе биде поставена и кутија за донации од страна на Црвениот крст, каде што сите присутни ќе имаат можност да донираат дополнително, стои во најавата за хуманитарната трка.

Во Скопје, трките ќе се одржат на Средно Водно. Трката од 5 километри започнува во 10 часот, додека трката на 10 километри ќе започне во 11 часот. Пристапот со возила кон Средно Водно ќе биде регулиран, а паркингот нема да биде достапен за возила. За таа цел, ќе биде обезбеден организиран бесплатен автобуски превоз од паркингот кај Цветен пазар до Средно Водно. Превозот ќе се одвива од 08:30 до 10:10 часот, а повратниот превоз ќе биде достапен од 12 до 14:15 часот.

Граѓаните кои ќе учествуваат во трката се охрабруваат да го користат организираниот автобуски превоз. Дел од автобусите кои ќе се користат се еколошки и се обезбедени со поддршка од Европската Унија, во рамки на напорите за одржлива мобилност и заштита на животната средина. За оние кои сакаат дополнителен спортски предизвик, пешачката рута од подножјето до Средно Водно останува отворена.

На денот на трката (25 мај) нема да се издаваат стартни броеви. Подигнувањето на стартните броеви за учесниците од Скопје се одвиваше вчера и завчера во просториите на Europe House Скопје.

Трката е наменета за граѓани од сите возрасни групи, без разлика на физичката подготвеност. Пријавувањето е веќе затворено, а сите дополнителни информации за локациите и времето на трките можат да се најдат на социјалните медиуми на секој Јуроп Хаус поединечно.

Средствата собрани преку котизациите ќе бидат уплатени на Црвениот крст на Република Северна Македонија и ќе бидат насочени кон поддршка на заедницата во Кочани.