Во тетовски Лешок денескa се одблежаа 23 години од загинувањето на бранителот Ѓоко Лазаровски, кој на 30 години загина во одбрана на селото и помагајќи да се евакуираат мештаните.
Тој беше резервен полицаец, а загинал на 23 јули 2001 година кога при вооружен напад на Лешок бил погоден од шрапнел од минофрлачка граната.
Одбележувањето пред неговото спомен обележје во центарот на Лешок почна со панихида и подигнување на македонското знаме од неговиот син.
– Дваесет и три години неговиот хероизам, лик и дело стојат на браникот на Лешок, на браникот на нашата Македонија. Овој споменик е потсетник дека раѓала оваа земја јунаци херои и уште ќе раѓа. Не попусто сме пиреј, колку повеќе не корнеш уште повеќе не има. Остана доследен до заклетвата, до зборот. Го остави семејството, мајката, сопругата и неродениот син, а се за другата мајка-Македонија, беше посочено во пригодниот говор.
Ѓокица Ѓоко Лазаровски e роден на 3 мај 1971 во Лешок, а загина на 23 јули 2001. Поради неможноста да биде погребан во родниот Лешок, вечното почивалиште на Лазаревски се наоѓа на гробиштата во Општина Ѓорче Петров. Спомен обележјето е изградено во 2012 година.