Вооружен грабеж попладнево се случил во скопски Капиштец, ограбена е филијала на УНИ банка. Три вооружени лица одзеле пари од вработените, а еден од разбојниците отворило и оган, информираат од МВР.
„На 08.3.2022 во 12:35 часот во Полициска станица Центар било пријавено дека од експозитура на банка на подрачје на Центар три лица со закана со оружје од вработените одзеле пари, по што во близина на местото на настанот едно од лицата испукало еден куршум“ – велат од МВР.
Оттаму додаваат и дека нема повредени лица во инцидентот и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Засега ниту од банката, ниту од МВР не информираат за колкава ограбена сума станува збор, а од полицијата посочија дека повеќе информации ќе има утре.
Последните информации од полицијата доцна попладнево се дека двајца од тројцата разбојници кои го извршиле грабежот се уапсени.
„Денеска (08.03.2022) во Скопје се приведени Н.Ш. (24) и С.Б. (32) поради сомнение дека учествувале во денешното разбојништво кое беше пријавено во 12.35 часот во експозитура на банка на подрачје на Центар кога три лица со закана со оружје одземале пари од вработените. Се преземаат и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“ информираа од МВР.