„Огнената група“ ја бојкотираше консултативната средба што ја свика Ахмети

„Огнената група“, како што пишува Алсат, повикувајќи се на извори блиски до неа, не се согласува со предложените имиња за потпретседатели на партијата во пресрет на утрешниот состанок на Генералниот совет на ДУИ на кој ќе се избираат највисоките партиски тела, бидејќи, според нив, со исклучок на Изет Меџити, останатите предложени во тимот се сметаат за луѓе блиски до првиот вицепремиер Артан Груби, чија оставка или смена ја бараат „огнените“.

Членови на „Огнената група“ на ДУИ ја „бојкотирале“ и не учествувале на консултативната средба што денеска ја свика претседателот на партијата, Али Ахмети. Како што информираат извори за Алсат причина за бојкотот било незадоволството кај групата од претходните средби и имињата што ги предложил Ахмети за највисоките функции во партијата.

Консултативната средба е во пресрет на состанокот на Генералниот совет на ДУИ кој треба да се одржи утре и на кој треба дас е избираат највисоките партиски тела.

„Огнената група“, како што пишува Алсат, повикувајќи се на извори блиски до неа, не се согласува со предложените имиња бидејќи, според нив , со исклучок на Изет Меџити, останатите предложени во тимот се сметаат за луѓе блиски до првиот вицепремиер Артан Груби, чија оставка или смена ја бараат „огнените“.

Според изворите, листата со имиња предложена од Ахмети ја сочинуваат Фатон Ахмети, генерален секретар; Валдет Џафери, организациски секретар; Изет Меџити, потпретседател; Арта Билали, потпретседател; Арбер Адеми, потпретседател и Бујар Османи, портпарол.

Поради ова, како што неофицијално се дознава, Меџити наводно ја разгледувал опцијата за негово повлекување од предложената функција, затоа што останатите на листата биле само алатки на Ахмети и Груби.

„Огнената група“ не била задоволна и поради тоа што на консултативните состаноци не се разговарало и одлучувало за иднината на партијата, туку повторно во „игра се ставале истрошени ликови“.

Според информациите на „Слободен печат“, групата предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети и Невзат Бејта е на чекор од франционерско делување во рамките на ДУИ.

Според Алсат, за утрешниот состанок на Генералниот совет, од партијата телефонски им се јавувале на учесниците за да го потврдат присуството. Од средбата треба да произлезат претседателството и партиските секретари. Потоа поширокото раководство би требало да се повлече во седиштето на ДУИ во Мала Речица и како што бара Огнената група, да се бара отчет од членовите на власта, на чело со првиот вицепремиер Артан Груби. Но, сè уште останува неизвесно утрешното присуство на членовите на оваа група.

„Огнената група“ од ДУИ која неодамна излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата.

Претставници на групата досега на два пати беа на средби со партискиот лидер, Али Ахмети во Мала Речица и сликата по нивното завршувања и во двата наврати беше идентична. Членовите на групата на социјалните мрежи објавуваат фотографии на кои срдечно се поздравуваат со Ахмети, но порачуваа дека цврсто стојат против извршната власт. Лидерот на ДУИ пак по последната средба што се одржа на 4 октомври изјави дека во „ДУИ нема ниту пламен, ниту оган“.