Оглас за нов директор на „Театар Комедија“

Денеска е објавен јавен оглас за нов директор на НУ „Театар комедија“ со мандат од четири години, ги информирала министерката за култура Ирена Стефоска вработените во оваа установа. За период од 15 дена додека трае огласот, в.д. директор на театарот ќе биде актерката Магдалена Ризова-Черних, а функцијата уметнички раководител ќе ја извршува драматургот Дарко Јан Спасов.

„Министерката Стефоска и вработените во НУ „Театар комедија“ се договорија во следниот период да го одржат професионалното ниво на соработка и високото реноме на институцијата. Министерката Стефоска и вработените во НУ ‘Театар комедија’ изразуваат искрена желба на јавниот оглас да се пријават сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите и најквалитетниот кандидат да биде избран за директор со редовен мандат. На тој начин, еден од омилените театри во земјава ќе продолжи со успешниот репертоар, за кој низ годините се бара карта повеќе“, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Пред два дена беше разрешена Нора Шаќири-Марковиќ од позицијата в.д. директор на „Театар комедија“ затоа што спровела дисциплинска постапка во време на изборен процес.