
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес конференција информираше за деталите во врска со проширената истрага за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Во текот на вчерашниот ден ОЈО Кочани ја проширило истрагата за нови 19 лица.
„Сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата“, вели Коцевски.
Според него, покрај оние за кои постои сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.
„Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа. Кога станува збор за одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, обвинителството дојде до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди“, вели Коцевски.
Во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот. Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега ново осомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам. Сите тие, како и претходно осомничените во Министерството за економија, се истражуваат затоа што му овозможувале на Кабаре клуб Пулс да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година. Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на Закон за угостителската дејност, Закон за државен пазарен инспекторат и Закон за инспекциски надзор, како и подзаконските акти. Претходно во рамките на оваа институција, осомничени се уште три службени лица инспектори по истите основи. Што се однесува на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат кои исто така од претходно се истражуваат, проверките за нив продолжуваат пред се поради околноста дека нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка“, вели Коцевски.
Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица.
Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена.
„Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција“, вели Коцевски.