Објавен романот „За мајките сè најдобро“ од Сања Пилиќ
Во издание на „Македоника литера“ на македонски јазик е објавен романот „За мајките сè најдобро“ од познатата хрватска писателка Сања Пилиќ, една од најчитаните авторки за деца и млади во регионот. Ова е нејзиниот прв роман, првично објавен во 1990 година, за кој ја доби престижната награда „Григор Витез“ и кој долго време е дел од задолжителната лектира во хрватските основни училишта.

Романот нуди интимен и духовит поглед на мајчинството, пишувањето и секојдневието, преку перспективата на мајка која се бори со сопствени желби, ограничувања и семејни обврски.
-Овој роман зборува за проблемите на пишувањето, за техниката, ликовите, заплетот, но и за животот на писателот, за неговиот социјален и финансиски статус и за проблемот на усогласување на пишувањето како професија и за семејниот живот. Зборува за мајчинството, но од перспектива на мајка која чувствува дека прерано пораснала и дека нејзиниот „возрасен“ живот ѝ забранува многу работи за кои копнее. Тоа се некои детски желби и фантазии, но и време за себе и за сопствените интереси. Романот зборува и за семејното секојдневие, за обичните мајчински проблеми, за готвењето ручек, детските игри и проблеми, брачните врски и пријателствата. Сепак, сè е раскажано од перспектива на мајката која, како и сите други, има свои индивидуални потреби, проблеми и соништа што се во спротивност со нејзиниот мајчински идентитет, стои во соопштението од издавачката куќа.
Сања Пилиќ е авторка на над осумдесет книги, добитничка на дваесетина награди и номинирана за меѓународните признанија „Ханс Кристијан Андерсен“ и „Астрид Линдгрен“. Ова е нејзина втора книга објавена на македонски јазик, по „Баш сум хепи!“, збирка куси раскази, исто така во издание на „Македоника литера“.