Објавен оглас за закуп на „Македонско село“, од 1 јуни комплексот почнува со работа
Во печатените медиуми денеска е објавен огласот за избор на концесионер за комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, со цел комплексот повторно да почне да работи и се врати на туристичката и културната мапа на Македонија, информира Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Во печатените медиуми денеска е објавен огласот за избор на концесионер за комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, со цел комплексот повторно да почне да работи и се врати на туристичката и културната мапа на Македонија, информира Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Огласот, како што прецизираат, е поделен на четири дела, односно постои можност различни концесионери да се пријават за закуп на поединечни сегменти на комплексот или за комплексот во целина. Почетната цена за закупнина на целиот комплекс изнесува 240.000 денари, а почетната цена на концесијата на поединечните делови е 44.529 денари, 49.868 денари, 54.839 денари и 91.575 денари.
-На законски и транспарентен начин ќе биде одлучено кој во иднина ќе стопанисува со „Македонско село“. Изборот ќе се изврши по пат на електронско јавно наддавање, преку системот кој управува и оперира Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи. Закупецот/закупците ќе имаат обврска да ги преземат сите потребни активности за оспособување на Комплексот за почеток со работа од 1.06.2025 година. Веруваме дека со избор на нов концесионер, ќе придонесеме за развој на туризмот, ќе ја стимулираме локалната економија и ќе создадеме нови можности за вработување, велат од СОЗР.
Со обновата на комплексот „Македонско село“, додаваат, ќе се создадат и услови за посети од туристи и домашни гости, што ќе ја зајакне туристичката инфраструктура и понуда во регионот, а истовремено ќе придонесеме и за презентирање на традиционалните македонски занаети, културното наследство и автентичната архитектура.
Комплексот се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел. Не функционира веќе шест години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби. Во меѓувреме, СОЗР редовно ги подмируваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично, како што посочуваат, досегашните финансиски загуби достигнаа сума од околу 350.000 евра.