
Објавен е оглас за субвенции за инвертер клима уреди за граѓани од ранливи категории кој ќе трае 60 денови и за таа цел се обезбедени 170 милиони денари, информира премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека со тоа се реализира уште едно предизборно ветување.
И таа политика паралелно ја туркаме. Огласот е објавен, трае 60 дена, а отприлика 170 милиони денари се обезбедени токму за оваа намена. Сите оние кои ги исполнуваат условите може да се пријават на овој оглас, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на Клиниката за урологија.
Тој појасни дека станува збор за клима уреди од класата А+ со инсталирана моќност од 3,5 киловати.
-Цениме дека на овој начин ќе придонесеме тие семејства да имаат подобар комфор во својот дом, како во лето така и во зима и да се обидеме да интервенираме и во делот на заштитата на животната средина и намалување на загадувањето особено во периодот кога ги затоплуваат своите домови, истакна премиерот Мицкоски.