Недостигаат најмалку 50 метри од гасоводот под Балтичкото Море, јави шведскиот дневен весник Експресен откако ги објави првите јавни снимки од оштетувањето направено во септември. Шведската полиција и јавното обвинителство се сомневаат дека истекувањето на гасот од двата крака на гасоводот Северен тек на 26 септември е последица на намерна експлозија и затоа случајот го истражуваат како чин на саботажа.
Видеото е снимено со мал далечински управуван подводен дрон, а на него се гледаат свиткано железо и отворениот гасоводот на дното на Балтикот. Делови од цевката имаат рамни, остри рабови, а други се деформирани, се гледа на снимката направена на длабочина од 80 метри.