Објавена платформата преку која граѓаните може да вршат проверка на превозници, а институциите поефикасно да контролираат
Платформата им дава можност на граѓаните и да пријават неправилности со тоа што на неа се достапни контакти од институциите задолжени да вршат контрола. Ако некој граѓанин пријави нерегуларности кај некој превозник, институциите ќе може да постапат веднаш по службена должност.
Платформата „е-транспорт“ (http://etransport.mtc.gov.mk) преку која граѓаните ќе може да ги проверуваат превозниците на патници, а институциите ќе разменуваат податоци со што се очекува да се вршат поефикасни контроли, денеска беше презентирана во Владата. Таа е составена од два дена. Еден наменет за граѓаните, а еден за институциите.
Преку неа граѓаните ќе може во реално време да направат проверка за видот и типот на лиценците на превозниците во патниот транспорт и на тоа дали поседуваат соодветни дозволи.
„Граѓаните ќе може во реално време да вршат проверка на превозниците кои вршат превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај. Постапката за проверка е едноставна и е во само неколку чекори. На вашиот пребарувач ја внесувате адресата на платформата, на почетниот екран се појавуваат две опции: едната е да се изврши проверка на превозникот по име на фирма, а втората е да се изврши проверка на превозникот по број на регистарска табличка на возилото. По внесувањето на податокот, се отвора нов прозорец во кој може да се забележат детални информации“, рече на презентацијата министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.