
Образованието и комуникацијата се неопходни за ресоцијализација на деца во судир со законот
Средбата на деца со нивните осудени родители им овозможува на семејствата полесно да ја пребродат траумата додека нивниот член издржува казна затвор, смета Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во врска со отворањето на детското катче во Казнено-поправната установа Идризово.
Средбата на деца со нивните осудени родители им овозможува на семејствата полесно да ја пребродат траумата додека нивниот член издржува казна затвор, смета Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во врска со отворањето на детското катче во Казнено-поправната установа Идризово.
Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда денеска го промовираше катчето кое е наменето за средба на затвореници со нивните деца. Катчето е изградено со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија“.
-Секоја можност да се ресоцијализираат тие што се осудени и да се со нивните најблиски, им помага да ја пребродат траумата со која се соочуваат додека ја издржуваат казната затвор, изјави Змијанац одговарајќи на новинарско прашање пред отворањето ан четвртата конференција за мировно образование што ја организира „Меѓаши“
Во однос, пак, на децата кои се во судир со законот, Змијанац рече дека е добредојдена секоја мерка и активност што вклучува воспитание и образование – формално и неформално, нагласувајќи дека е неопходна комуникацијата со нив.
-Порано имавме информации дека децата дури се исклучени од воспитно-образовниот процес. Комуникацијата им овозможува да се ресоцијализираат и кога ќе го напуштат казнено-поправниот дом односно затворот да бидат активни и одговорни граѓани и да не го повторуваат делото за кое биле санкционирани. Еден ресторативен пристап на ресоцијализација е неопходен и мислам дека тоа е добар чекор за нивно вклучување во општествените текови, изјави Змијанац.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на оваа тема посочи дека Владата презела „законски и сериозни чекори за вклучување на овие деца во образовниот систем“.
-Мене ми е многу жал што во минатото имало пропусти во овој процес, но сега веќе тоа се спроведува без никаков поговор. Министерството е вклучено во организацијата. Како што знаете, училиштето „Макаренко“ стана државно училиште кое спроведува настава и во воспитно-поправните и во казнено-поправните домови. Таа веќе се одвива во зависност од потребите на децата или возрасните кои се наоѓаат таму. Тие веќе се вклопени во системот и, бидејќи тоа почна од оваа година, очекуваме да ги видиме резултатите веќе од следната година натаму, рече Јаневска.
Додаде дека присуството на наставен и стручен кадар во овие установи „влијае и на едните и на другите – и на децата кои се наоѓаат таму затоа што го прекршиле законот, но и на децата кои ги посетуваат родителите или нивните блиски кои го прекршиле законот“.
-Ова е повеќенасочна улица каде што системот односно државата заедно со многу други чинители, не само со МОН, помага и во ресоцијализацијата, но и во надминување на тешкотиите на тие семејства. Активно сме вклучени и очекувам резултати за неколку години, рече министерката Јаневска.