Утринава во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци, Штипско, имало обид за киднапирање на две деца, јави локалната телевизија Стар.
Информацијата за телевизијата ја потврдиле директорката на училиштето Наталија Костова и градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.
Според првичните информации на ТВ Стар, киднаперите дошле со црно возило со скопски регистарски таблички и се обиделе насилно да внесат две деца во возилото, но биле спречени од други деца и од персоналот.
Костова во телефонска изјава за Стар кратко изјавила дека едно од децата кои биле на мета на киднаперите било со македонска, а пак другото со турска националност. На прашањето, кој го спречил обидот за киднапирање, таа рече дека детото се вратило и возилото заминало.
Градоначалникот Паунов откри дека обидот за грабнување на две деца се случил нешто по 9:30 часот.
„Она што го имам како информација од персоналот и од инспекторите тука на терен е дека имало таков обид, грабнувачите се обиделе да ги воведат двете деца во возилото кое влегло до почетокот на училишниот двор. Безбедносните камери го имаат фатено возилото и се работи на расчистување на случајот и утврдување на регистарската табличка на самото возило“ – рече Паунов и упати апел да нема голема вознемиреност кај родителите и го повика МВР да ја зголеми безбедноста во овој дел на општината.
Од МВР во изјава за „360 степени“ изјавија дека случајот бил пријавен во СВР-Штип. Според полицијата, машко лице со возило „голф“ поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.
„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило ‘голф’ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“ – велат од МВР.
Оттаму не ни одговорија дали се работи за возило со скопски регистарски таблички како што беше првичната информација на ТВ Стар.