Обезбеден бесплатен авионски превоз за евакуација на македонските државјани од Израел

Преостанатите 90-ина македонски државјани заглавени во Израел се очекува утре да бидат евакуирани од земјата, откако Владата обезбеди чартер лет на релација Тел Авив – Скопје.

Откако дел од македонските државјани во завојуваниот Израел беа евакуирани на добра волја на соседните земји, утре во авион ќе се качат уште 90 граѓани. Овој пат, на чартер летот Тел Авив-Скопје организатор е Владата, а превозот ќе биде бесплатен. Предизвикот за организирање на овој лет, како што појаснуваат од Владата е надминат преку „Ер Србија“, чиј авион е изнајмен да ги транспортира граѓаните дома, а македонскиот конзулат веќе го има списокот на лицата кои побарале евакуација.

„Овие деведесет очекувам утре во текот на денот да стигнат да бидат вратени во Македонија. Владата организира, попладне ќе ги информираме и граѓаните и јавноста за точните термини кога граѓаните ќе бидат вратени тука…

Речиси сите околни земји ги повлекоа поголемиот дел од своите граѓани, единствено ние останавме во неизвесност, сведочејќи на воените ужаси веќе една недела, вели за Канал 5 – 19 годишне македонец од Источна Македонија кој сакаше да остане анонимен и е на 50тина км од Тел Авив. Во Израел отишол да работи пред два месеци со својот 23 годишен братучед, но сега стравувајќи за својот живот бара излез од земјата. Тој е во секојдневен контакт со македонската амбасада барајќи евакуација, вели постајно стои покрај својот мобилен телефон, чекајќи повик кој ќе им соопшти дека и за нив има место на летот за Скопје.

Исплашени сме сите македонци во израел, не сме жители на израел, за нив е сето ова нормално, за странците кои се тука без разлика од која земја, бараат да се повлечат од тука и да се вратат во своите домови. Ние сме последни, што сме уште во неизвесна состојба, околните земји веќе си ги евакуираа поголемиот дел на граѓани. Очекувавме побргу да не евакуираат, барем ден-два откако започна војната, се одложи малку, како да не оставија тука, но еве сега чекаме повик за конечно да си заминеме и да си дојдеме дома.

Сепак, во најнеизвесна состојба е брачен пар од Македонија кој се наоѓа во Газа. Единствениот излез им бил кон Египет, но токму кога требало да ја минат границата, истата им се затворила пред очи, за да се спречи бранот на бегалци. Османи уверува дека се во постојана комуникација со надлежните во Каиро и македонската амбасада за да се обезбеди нивна евакуација.

Од нашата амбасада во Каиро се во комуникација со тој брачен пар, во постојана комуникација и тие се безбедни во моментов, меѓутоа знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и тие можеме да сметаме дека се во некаков ризик, работиме и со властите во Египет, за да ги ослободат, да излезат во Египет и потоа ќе организираме превоз, меѓутоа засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа.

Османи на новинарско прашање, дали има загинати лица кажа дека засега нема таква информација. Инаку, досега успеаја околу 60тина македонски граѓани да се евакуираат од Израел, дел се веќе пристигнати во Македонија, а дел се на пат и треба во текот на денот да бидат дома.