Јаким Неделков – претседателот на СОНК денеска на прес-конференција истакна дека штрајкот во образованието сè повеќе добива на интензитет, но посочи и дека вработените во две третини од градинките во земјава се соочуваат со сериозни притисоци и мобинг од страна на директорите.
Тој посочи дека вработени во Министерството за труд и социјална политика со писма им се заканувале и им кажувале на вработените во детските градинки како треба да се однесуваат.
„Во детските градинки директорите вршат сериозни притисоци врз штрајкувачите. За оваа забелешка мораме да го детектираме и изворот на притисоци. Му се допаднало тоа некому или не, тоа е Министерството за труд и социјална политика од каде што наместо да се обидат да најдеме решение, преку писма кои се дадени за потсетување како треба да постапуваат им се закануваат на штрајкувачите. На тие писма што се упатени кон градинките не стои ниту име, ниту презиме, ниту потпис и печат. Тоа се неформални писма, испратени од адресата на еден службеник од МТСП до сите градинки, со потсетување до директорите на градинките како треба да постапат, дека по закон треба да работат осум часа, дека ќе им бидат скратени дневници и слично“ – рече Неделков.
Тој истакна оти нема потреба некој од МТСП да ги потсетува вработените во градинките какви се нивните обврски за време на штрајк и додаде дека тоа што се случува е жесток притисок врз штрајкувачите.
„Меѓу другото, она што е уште понехумано и понечовечки е да се затвораат штрајкувачите во мали простории, во мали канцелариички во детските градинки. Да не им се дозволи за време на штрајкување од осум часа да одат во тоалет кога сакаат, да одат на појадок кога сакаат или да излезат на чист воздух. На бремени колешки да не им се дозволи да појадуваат или да излезат на чист воздух. Навистина тоа е нехумано. На ваков начин не се гради заемна доверба и не се наоѓа решение за проблемот што го имаме“ – додаде Неделков.
Тој додаде дека поради заштита на колегите нема да открие повеќе детали, но ги повика надлежните инспекторати да прават увид во објектите за време на штрајкот.