Се разгорува битката за нов лидер на СДСМ. Протекуваат информации, обвинувања и контраобвинувања на сметка на кандидатите.
Наместо да се занимава со сериозните недостатоци во битолската болница, на директорката Елизабета Ивановска (СДСМ) приоритет ѝ е да ги организира партиски вработените да се регистрираат за гласање за изборот на новиот партиски претседател.
Ова денеска на својот Фејсбук профил го напиша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Како поткрепа на ова свое тврдење тој објави две фотогрфии.
На едната се гледа директорката Ивановска со кандидатот за лидер на СДСМ, Венко Филипче, а на другата извадок од комуникација во која таа до вработените во битолската болница праќа смс пораки и им закажува термин кај извесен д-р Андреј за да пријават за гласање на партиските избори закажани за 30 јуни.
Од друга страна, фејсбук група насловена како „Чесен социјалдемократ“ во континуитет објавува постови меѓу кои и оној во кој го обвинуваат кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски дека наместо реално да ја прикажува, тој ја купува поддршката за него.
Тие споделија напис од портал во кој меѓу другото пишува дека Деспотовски е најпопуларен политичар, но таму некаде во Бангладеш затоа што, како што се тврди во написот онлајн поддршката за него доаѓаа токму од оваа земја.
„Кандидатот за претседател на СДСМ Јово Деспотовски се решил да стане популарен па ние се решивме да му помогнеме. Еве го прогласуваме за најпопуларен политичар, но во Бангладеш од каде што ги купува лајковите. Прилог фото“ – пишува во написот.
Од фејсбук групата уште тврдат дека Деспотoвски ја има базата на податоци на членството на СДСМ и ја користи за праќање на изборни пораки.
Филипче вчера беше во Битола од каде зборуваше за клучните нови тела кои ги предлага во програмата.
Деспотовски пак вчера беше во Струга и Охрид од каде порача дека мора да бидат обезбедени услови за да гласа секој оној член кој сака да гласа.
Освен тое двајца, кандидати за иден лидер на СДСМ се и Славјанка Петровска и Александар Бајдевски.
Изборите за нов претседател на СДСМ се закажани за 30 јуни годинава.