Обвинителство се жали на пресудата за сообраќајката кај „Сити мол“

Јавниот обвинител кој беше дел од случајот со сообраќајката со смртни последици кај „Сити мол“ во Карпош е незадоволен од висината на изречената кривична санкција, па денеска вложи жалба против првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје.

Со пресудата врз основа на признание на вина, на 11.04.2022 година, Основниот кривичен суд го огласи за виновен обвинетиот Ј.Ѓ. за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Судот го осуди на казна затвор од 3 години, во која се засметува и времето поминато во притвор и му изрече казна – забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од 3 години од денот на правосилност на пресудата.

При одредувањето на казната, Судот како олеснителни околности ги ценел признанието на вина од страна на обвинетиот, изразеното каење и свест за противправноста на стореното, како и фактот дека станува збор за млада личност која претходно не била во судир со законот.

Надлежниот јавен обвинител цени дека во конкретниот предмет првостепениот суд во поголема мера ги ценел олеснителните околности, на сметка на отежителните – начинот на сторување на делото, зачестеноста на овој вид кривични дела и особено фактот дека во несреќата е изгубен млад човечки живот.

Дополнително, јавниот обвинител наведува дека оштетените со ништо не придонеле за да се случи сообраќајната несреќа и прописно ја поминувале улицата на обележан пешачки премин.

„Анализирајќи ја обжалената пресуда, сметам дека судот не ја одмерил адекватно казната, бидејќи ги применил одредбите за ублажување на казната, иако не постоеле законски услови за тоа“ – наведува надлежниот обвинител во образложението на жалбата до Апелациониот суд во Скопје.

Јавниот обвинител смета дека со висината на изречената казна од првостепениот суд нема да се постигнат целите на казнувањето на планот на генералната и на специјалната превенција на овој вид кривични дела.