„Во текот на постапката со сигурност се докажа дека обвинетите ги сториле делата што им се ставаат на товар. Обвинетиот Никола Груевски ја злоупотребил својата позиција и влијание како премиер да ја оствари својата желба да му го урне комплексот Космос на својот политички противник Фијат Цановски и да му нанесе финансиска штета“. Ова е изјава на јавниот обвинител Бурим Рустеми на денешните завршни зборови за случајот „ТНТ“,
„Обвинетиот Тони Трајковски се согласил и го прифатил планот за одмазда. Од изнесените докази во постапката јасно се покажа дека одлуката за уривање на објектот ја донел Никола Груевски“ – изјави Рустеми.
Според него, значајно е тоа што Миле Јанакиески во својот завршен збор ја потврдил автентичноста на телефонските разговори и комуникација, што пак претставува олеснителна околност за него во случајот. Рустеми на судот му предложи обвинетите да ги прогласи за виновни и да ги казни согласно закон.
„Во однос на обвинетиот Миле Јанакиески, кој на некој начин се извини сметам дека судот треба да ја цени оваа олеснителна околност. Како отежнителни околности, судот да го цени тоа што обвинетите делото го сториле од политички побуди и тоа што не изразија каење за делото. Сметам дека судот треба да изрече ефективна казна затвор за обвинетите“ – изјави обвинителот Рустеми.
Според адвокатот Дончо Наков кривичниот закон не предвидува прецизирање на обвинителен акт.
„Според одбраната се работи за целосна измена на обвинителен акт и барам да ми се достави копија од записник бидејќи постои според мене измена и за да можам да го дадам својот завршен збор“ – изјави Наков.
Бранителот по службена должност на обвинетиот Никола Груевски рече дека неговиот клиент ниту потпишал, ниту пак можел да потпише некаква одлука во Општина Гази Баба, истовремено оспорувајќи ја автентичноста на снимените аудио разговори кои биле изнесени во случајот.
„Обвинетиот ниту има вина, ниту има доказ дека нешто потпишал, а единствен доказ против него се аудио снимки чија автентичност не може да се потврди. Ценам дека овој суд нема ниту една законска причина да го прогласи за виновен и дека треба да биде ослободен од обвинение“ – изјави тој.
Случајот го води судијата Огнен Ставрев.