
Обвинителството и МВР постапуваат по вчерашните скандирања на натпреварот Шкендија-Карабах
„Постапуваме врз основа на обезбедена видео и фото-документација. Со јавниот обвинител координираме следни чекори со цел целосно расчистување на случајот“, соопштија од СВР Скопје, додавајќи дека веќе е започната постапка за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот.
Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство – Скопје отворија истражна постапка поради националистички скандирања кои беа забележани за време на фудбалскиот натпревар меѓу Шкендија и Карабах, кој се одигра синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Од Секторот за внатрешни работи – Скопје информираат дека навивачи на Шкендија, и покрај претходните апели за фер и спортско однесување, извикувале националистички пароли како „Илирида“, „Голема Албанија“ и други политички и етнички чувствителни пораки.
„Постапуваме врз основа на обезбедена видео и фото-документација. Со јавниот обвинител координираме следни чекори со цел целосно расчистување на случајот“, соопштија од СВР Скопје, додавајќи дека веќе е започната постапка за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот.
Од Основното јавно обвинителство – Скопје потврдија дека се вклучени во случајот и дека сите прибрани докази се детално анализираат, со цел утврдување на евентуална кривична одговорност.
МВР потсетува дека и пред одигрувањето на натпреварот предупреди дека нема да толерира националистички или навивачки испади кои содржат говор на омраза. Министерството апелираше на одговорно однесување, повикувајќи се и на претходни слични инциденти, како оној на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, по кој беа санкционирани неколку навивачи.
Натпреварот, кој се играше во рамки на европските квалификации, заврши со победа на тимот од Азербејџан, Карабах, со резултат 1:0. Единствениот гол беше постигнат во 18. минута од пенал. Реваншот се игра на 12 август во Баку.
Инцидентот повторно ја отвори темата за безбедноста и спортската култура на трибините, како и за потребата од построги мерки против оние што ја злоупотребуваат спортската сцена за политички и националистички пораки.