Обвинителството да истражи дали Палчо и останатите имале логистика во институциите, бара Туфегџиќ

- Мислам дека сега е ред и Јавното обвинителство, началникот за сериозен и организиран криминал Дејан Димовски и Музафер Каришиќ и сите овие луѓе кои учествувале во истрагата против Александар, вклучително и службата за државна безбедност, да дадат одговор каде биле, што правеле и како овие лица не се детектирани навреме. Да одговорат и дали овие лица имаат своја логистика некаде во некои институции. Тоа се прашања на кои одговор заслужува да добие пред сè јавноста и ние како општество и како држава, за да бидеме сигурни дека утре ова нема да му се случи на некој друг родител, кој недај боже, ќе му исчезне дете и ќе отиде во полициска станица да пријави и ќе заврши во притвор – изјави Туфегџиќ.

Денеска нема простор за победничка еуфорија, Кривичниот суд донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука по своја суштина е празна затоа што не ги добивме одговорите на три клучни прашања – зошто е киднапирано и зошто е убиено ова дете и зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ по денешната ослободителна пресуда за Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, кој беше обвинет за помагање на нејзиното грабнување.

Нејзините убијци добија казна доживотен затвор.

– Институциите кои ја раководеле оваа истрага се должни да дадат одговори на овие прашања. Особено на прашањето дали со инволвирањето на Александар во оваа постапка свесно е направен дефокус од она што требало да биде предмет на истрага, а тоа е она што го кажа обвинетиот Велибор Манев уште од почетокот, од 6.12.2023 година, дека од 2022 година се кроеле планови и списоци за киднапирање и за убивање луѓе. Со цел да го остварат тој план, во 2022 година овие лица копале дупки по Македонија. Мислам дека сега е ред и Јавното обвинителство, началникот за сериозен и организиран криминал Дејан Димовски и Музафер Каришиќ и сите овие луѓе кои учествувале во истрагата против Александар, вклучително и службата за државна безбедност, да дадат одговор каде биле, што правеле и како овие лица не се детектирани навреме. Да одговорат и дали овие лица имаат своја логистика некаде во некои институции. Тоа се прашања на кои одговор заслужува да добие пред сè јавноста и ние како општество и како држава, за да бидеме сигурни дека утре ова нема да му се случи на некој друг родител, кој недај боже, ќе му исчезне дете и ќе отиде во полициска станица да пријави и ќе заврши во притвор – изјави Туфегџиќ.

Тој рече дека ќе се консултира со неговиот клиент Александар Ѓорчевски за тоа дали ќе поднесат кривични пријави против јавните обвинителки.

– Тој нема расположение за кривично гонење. По тоа прашање ќе го кажам следново. Јавниот обвинител денеска беше токму онаков каков што беше уште откако почна постапката, потполно конфузен. Денеска побара продолжување на куќниот притвор за Александар, во правна ситуација кога законот тоа изрично го забранува и каде што при носење на ослободителна одлука задолжително и по автоматизам се укинува притвор. Ја видовте конфузијата на двете јавни обвинителки – рече Туфегџиќ.