Обвинителството бара повисока, а одбраната пониска казна затвор за Васил Јованов

Пред Апелациониот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Васил Јованов беше прогласен осуден на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Пред Апелациониот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Васил Јованов беше прогласен осуден на казна затвор  од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Обвинителството бара преиначување на казната и Васил Јованов да биде осуден на повисока казна затвор, додека одбраната бара нејзино намалување.

Во судница беше присутен и Васил Јованов, спроведен од Затвор Скопје, кој уште еднаш изрази каење за делото.

-Уште еднаш сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство на семејството на загинатата. Голема грижа на совест имам за тоа што се случи и болката што ја предизвикав, изјави Јованов.

Судијката известител за предметот, Александра Ристовска информираше дека до Судот по предметот е стигната жалба од ОЈО Скопје за висината на казната, со барање за повисока казна затвор, како и дека жалба на пресудата има и Васил Јованов, преку неговиот бранител, со барање за преиначување на казната со поблага или да ја укине и врати на повторно постапување.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, рече дека бара жалбата на одбраната да ја одбие како неоснована и жалбата на ОЈО да се уважи, а казната да се преиначи и Васил Јованов da биде осуден на повисока казна.

– Жалбите се неосновани. Дополнително и без таа правосилна пресуда која не постоела за време на носење на одлуката, но која постои во овој момент, неспорно е образложението на Судот дека обвинетиот наместо да се свести за последиците, тој седнува зад волан, без возачка, под дејство на алкохол и на црвено удира во пешакот Фросина Кулакова. Дополнително во текот на првостепената постапка наоѓам дека судот правилно ја утврдил вината за делото, но негативно во висината на казната затвор, изјави Фетаи.

Во однос на наводите на одбраната на казнената политика на судовите на апелационо подрачје Скопје, Фетаи рече дека е неоснована, со оглед дека секоја пресуда е сама за себе, како и дека со оглед на степенот на зачестеност и тежината на ваквите дела и те како е потребно нејзино корегирање.

– Со вакви возачи, што не почитуваат ниту едно сообраќајно правило никој не се чувствува безбедно. Дополнително, со тоа што против обвинетиот има и други предмети за прекршоци во сообраќајот, што покажува дека обвинетиот не се одвратил од повторување на делото и тоа не влијаело на ревидирање на неговото однесување, туку напротив продолжил со несмален интензитет. Неспорно казната требало и треба да гравитира во горната граница, рече Фетаи.

Бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје побара намалување на казната за Васил Јованов или враќање на предметот на повторно постапување поради суштествени повреди во постапката.

-Да кажам за институтот на признание на вина, тоа се дава за некоја цел – да се избегнат големи и долги судења, да се стави до знаење на сторителот дека криминалот не се исплати и секако да има некаква олеснителна околност за обвинетиот. Секаде во светот е тоа така. Ве молам, видете го доказот видеото неколку минути по настанот, за да процените дали неговото каење е искрено или од страв за запретената казна. Признанието на вина е искрено и категорично каење, изјави Дуковски.

Според Дуковски, пресудата е донесена на 7 мај 2025 и во тој момент друга правосилна пресуда против Васил Јованов нема и не може да биде отежнителна околност.

-На моментот на носење на пресудата Васил Јованов е неосудувано лице и крај, и судот мора да внимава на тоа по службена должност. Второ, првпат во кариерата гледам четворица законски застапници и едно лице во својство на оштетено лице. Се поставува прашањето врз основа на кој статус и факт на лицето Филип е дадено својство на оштетено лице. Ова го кажувам од аспект на малициозноста на првостепениот суд, изјави Дуковски.

Дукоски, исто така, на Судот му укажа особено внимание да посвети на доказот – известување од Основниот суд од 26 февруари 2025, на кое тој поднел жалба, но Судот не одговорил, посочувајќи дека обвинителниот акт е подигнат на 27 март, месец дена подоцна.

-Во пресудата нема ниту еден збор за тоа. Ниту дали се одбива или не. Ова е многу интересно, што дотогаш нема ништо против Васил Јованов и на 7 февруари се поднесуваат сите прекршоци против Васил Јованов. Пресуди може да бидат, но не може известување за колку постапки се водат против некого да бидат основ на отежнителна околност. Дадени се само со цел да се претстави Васил Јованов како што е претставен, изјави Дуковски.

Дуковски, исто така, укажа и на пресудата на Апелација за Ангелчо Николов од Велес, која е преиначена и намалена на осум години.

– Ангелчо Николов има два престапи повеќе од Васил Јованов. Го напушта местото и се пријавува два дена подоцна и нанесува телесни повреди на мајката на девојчето. Другото е исто, без возачка и под дејство на алкохол, рече Дуковски.

Дополнително, статистички во Европа за вакви дела највисоката казна е осум години. -Се согласувам дека треба да се преземат мерки. Но, не може точно од овој предмет да се гради нова судска пракса. Што ќе биде со претходните, изјави Дуковски.

Според Дуковски, отежнителна околност не може са биде и тоа што настапила смрт, со оглед дека делото за кое се гони е за најтешко сообраќаен прекршок со смртни последици.

-Од сите овие причини и искреното каење на обвинетиот, предлагам овој суд да интервенира во однос на казната, изјави Дуковски.

Основниот Кривичен суд Скопје на 13 мај годинава му изрече казна затвор  од 12 години на Васил Јованов, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Судијката Снежана Марковска, на објавувањето на пресудата во Основниот кривичен суд Скопје рече дека како олеснителни околности Судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешниот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото,  додека како отежнителни интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број бланкетни норми од Законот за сообраќај, како и степенот на опасност од предизвикување на ова дело и тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога и фактот што против него пред судот се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив. Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството.

Врз основа на тоа и на признанието на вина Судот ја одреди следната пресуда: „Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“.

Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.