Обвинителот Љупчо Коцевски поднесе оставка пред да го разрешат
Коцевски се реши на овој чекор кога веќе стана јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да биде отстранет од функцијата.
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски утринава пред одржување на седницата на Собранието каде на дневен ред е барањето на Владата за негово разрешување поднесе неотповиклива оставка. Одлуката самиот тој ја соопшти на прес конференција во Обвинителството, а во писмена форма одлуката веќе ја испратил до надлежните институции.
Коцевски изгледа се решил на овој чекор кога веќе стана јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да биде отстранет од функцијата и покрај тоа што Советот за јавни обвинители во претходниот дел од постапката, порано оваа година даде негативно мислење за предлогот на владата. Нему му беше изгласана интерпелација во Собранието, но тој продолжи да ја извршува функцијата затоа што тоа немаше правен ефект.
Владата ја запре постапката за негова смена по трагедијата во Кочани велејќи дека не е погоден момент за разрешување на Коцевски. Кога почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ владата се врати на претходната постапка и на седницата на 9 декември ја донесе одлуката за покренување на постапка за негово разрешување. Владата наведе повеќе причини зошто бара негово разрешување.